Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде затворен од утре (18-ти март) на полноќ за патнички летови
Согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија донесена на 16-ти март 2020 година за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, ТАВ Македонија сака да ги информира сите патници и јавноста дека Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде затворен утре, 18-ти март, од полноќ, за патнички летови, сè до следното известување.
Како аеродромски оператор ги информиравме сите авиокомпании и засегнати страни за оваа одлука, додека М-НАВ ја објави истата во НОТАМ - авијациски документ кој ги информира сите авиопревозници за важни и итни пораки.
Во престојниот период, на Меѓународниот Аеродром Скопје нема да има патнички летови, освен државни, воени, хуманитарни, медицински, санитарни и карго летови.
До затворањето, авиосообраќајот ќе се одвива според распоредот на летови кој патниците можат да го проверат на нашата веб-страница http://skp.airports.com.mk/ , но со оглед на тоа што ситуацијата со Коронавирусот се менува многу брзо, Ве замолуваме да ги следите последните објави за вашите летови на веб-страниците на авиокомпаниите и да ги контактирате нивните оддели за клиенти.
За сите евентуални натамошни промени во работењето на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, кој беше затворен во неделата, на 15-ти март 2020, исто така врз основа на Одлука на Владата, ќе ги информираме патниците и јавноста, согласно информациите и одлуките на Владата штом ќе ги добиеме истите, и тоа преку: медиумите, нашите веб-страници http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/, како и нашите страници на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм.